Интеруниверзитетска конференција се огласи со демант во врска со наводите на Независниот академски синдикат (НАкС) објавени на 25.3.2019 година во текстот со наслов „Неправилности во работата на Интеруниверзитетската конференција“ со цел за објективно информирање на јавноста.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме целото соопштение:

Согласно член 89 од Законот за високото образование, членки на Интеруниверзитетската конференција (ИКРСМ) се сите акредитирани универзитети. Во моментов ИКРСМ ја сочинуваат 17 универзитети. Освен ректорите по положба, членови на ИКРСМ се и 20 професори од универзитетите и претседателите на студентските собранија на универзитетите.

Универзитетите се во постапка за добивање согласности на нивните статути и заради тоа се уште не се спроведени постапки за избор на студентските собранија, а со тоа и на нивните претседатели. На последната седница на 18 март 2019 година е верифициран мандатот само на претседателот на Студентското собрание на Универзитетот Американ Колеџ.

Од тие причини на седницата на која беше извршен изборот на членови за Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, вкупниот број членови ИКРСМ изнесуваше 37 од кои 17 се ректори и 20 професори. На седницата беа присутни 21 член, со што беше исполнет условот за одлучување. Во моментот на тајното гласање беа присутни 19 члена, од кои гласаа сите 19, со што цензусот за присуство и одлучување не беше спорен (одлуките се донесуваат со мнозинство од присутните членови).

Понатаму, составот на ИКРСМ е идентичен како по стариот, така и по новиот Закон за високото образование, па затоа во новиот Статут на ИКРСМ е регулирано дека мандатот на членовите им трае за времето за кое се избрани, односно до 21 ноември 2020 година, што не е во спротивност со Законот за високото образование, бидејќи истиот не предвидува рок за конституирање нова ИКРСМ, што не е случај за другите органи и тела за кои се предвидени рокови за нивното формирање.

Транспарентноста на постапката беше обезбедена со објавување Јавен повик во весниците „Нова Македонија“ и „Коха“ на 6.2.2019 година, а пријавите со биографските податоци беа поставени на веб страницата на УКИМ и достапни на сите членови на ИКРСМ.

Во однос на законската обврска за јавност во работењето, ИКРМ на 7. седница одржана на 6.11.2018 година донесе Правилник за содржината и начинот на водење на веб-страницата на ИКРСМ. Кон изработката на веб-страницата ќе се пристапи по обезбедување на кадровски и материјални услови за оваа намена.

Врз основа на наведеното, неоснован е повикот на НАкС за поништување на Одлуките за избор на членови на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, конституирање на нов ИКРСМ и суспендирање на сите донесени акти.