Фото: Игор Бансколиев

Поради препораките за заштита од коронавирусот, родителите треба да достават потврда од работодавецот дека своите работни задачи не можат да ги извршуваат од дома, туку дека треба да бидат на своите работни места

Ако родителите сакаат детето да почне да оди во градинка, мора да докажат дека не можат да работат од дома. Вакви препораки изминатиот период им даваат надлежните од градинките на родителите чии деца треба да се запишат во градинка од септември или, пак, да продолжат да ја посетуваат установата во следна група. За таа цел, поради препораките за заштита од коронавирусот, родителите треба да достават потврда од работодавецот дека своите работни задачи не можат да ги извршуваат од дома, туку дека треба да бидат на своите работни места.

Поради огромната потреба од повторно почнување со прием на деца во градинките, се прават напори за отворање и за истовремено почитување на протоколите што се доставени до градинките од Комисијата за заразни болести и од Министерството за труд и социјална политика за зачувување на здравјето и безбедноста на децата и на вработените. Дел од градинките наведуваат дека потврдите се за носење на децата во градинка од септември.

Елена Устаметова, директорката на градинката „Бубамара“ во скопски Аеродром вели дека очекуваат од Комисијата за заразни болести конкретни препораки и конечен датум од МТСП за отварање на објектите.
– Веќе исконтактиравме со родителите. Годишно згрижуваме до 1.300, а сега имаме најави за едвај една третина од тие деца што би ја посетувале градинката – посочува Устаметова.

Според неа, следните две недели ќе се прецизираат бројките на деца, како и протоколите според кои би се згрижувале децата. Според протоколите, групите за поголемите деца треба да згрижат најмногу до 15 деца, а во јаслите до шест бебиња.
Инаку, освен податоците од работодавецот што треба да ги содржи потврдата за родителите, на неа треба да бидат напишани името и презимето на детето, објектот и воспитната група каде што престојува. Меѓу родителите има многу дилеми дали е исправна одлуката да се отворат градинките и да ги пуштат децата во градинка. На социјалните мрежи можат да се најдат многу негативни коментари, од тоа дека отворањето на градинките е опасност од дополнително ширење на вирусот, но има и такви во кои родителите посочуваат дека постои можност да ги изгубат своите работни места ако немаат каде да ги остават децата на чување. Инаку, во јуни годинава се правеше скрининг на вработените во градинките низ земјава, на кој, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, немаше позитивни резултати на ковид-19 меѓу вработените во скопските градинки, но имаше неколку случаи во другите градови низ земјава. Министерот Филипче во неколку наврати посочи дека вирусот нема да исчезне и дека мора да се навикнеме на состојбата со почитување на препораките.