Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска се сретна со амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Кристин Форсгрен-Бенгтсон.

На средбата ги презентира активностите што Министерството за труд и социјална политика во континуитет ги презема на планот на превенција и заштита на жртвите од трговија со луѓе, особено на жените и децата.

Министерката информира дека преку Секторот за еднакви можности, МТСП има улога на координатор на националниот механизам за упатување жртви на трговија со луѓе (НМУ), кој петставува рамка за соработка и координиран приод помеѓу социјалните служби, полицијата, трудовите инспектори и невладиниот сектор. Шахпаска нагласи дека огромна е улогата на центрите за социјална работа и стручните лица што се дел од мобилните тимови за рано откривање жртви со трговија со луѓе.

„Мобилните тимови за превенција од трговија со луѓе се позитивен пример и добра пракса која е прифатена од други земји во регионот. Во нашата држава во моментот постојат пет тима составени од претставници на министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни работи и од здравство и од претставници од невладините организации. Тие функционираат во Тетово, Гостивар, Куманово, Битола и во Гевгелија. Нашата намера е да формираме уште такви тимови и во други општини затоа што тие покажаа огромни резултати во навремено идентификување и превенција на жртви на трговија со луѓе“, рече Шахпаска.

Шведската амбасадорка Форсгрен-Бенгтсон ја информира министерката Шахпаска за состојбата со трговијата со луѓе и со законските решенија и мерки што се преземаат во Шведска. Таа потенцира дека во изминатиот период голем дел од активностите од шведската влада е насочен и кон Северна Македонија.

„Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите во борбата против трговијата со луѓе на државите во регионот вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Борбата против трговијата со луѓе треба да биде на високо ниво. Треба да се фокусираме на секоја норма на трговија со луѓе бидејќи во време на пандемијата на Ковид-19 зголемена е онлајн-експлоатацијата на луѓето“, рече шведската амбасадорка.

Денеска таа го посети и шелтер-центарот за жртви на трговија со луѓе во Скопје.