Фото: Васка М. Младеновска

Двата соседни града од Македонија и од Грција, Битола и Лерин, заедно ќе се грижат за заштита и справување со природните непогоди и катастрофи, заради што е формиран и заеднички штаб за цивилна заштита, кој во иднина со координирани активности ќе ги мобилизира граѓаните од двете страни на границата да се справуваат со природните непогоди.

Станува збор за еден од низата прекугранични проекти, кои во последно време ги промовира пелагонискиот плански регион со седиште во Битола. Двата региона, со најновиот прекуграничен проект од ИПА-програмата 2014-2020 година со поддршка на Министерството за локална самоуправа, кое се јавува како кофинансиер на проектот, се договорија за заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи од човечки фактор Ј-ЦРОСС.
Една од првите активности од овој проект е преуредувањето на коритото и брегот на реката Елешка, која честопати знае да се излее и да предизвика поплави на двете страни.

– Со бајпас-решение ќе го смениме текот на речното корито на Елешка Река, а со тоа при поплави ќе се намалат и негативните последици. За да го постигнеме тоа ќе се набави и багер, кој ќе го одржува речното корито и кој во нормални ситуации ќе се користи за други инфраструктурни зафати од интерес на жителите од пелагонискиот регион – вели првиот човек на пелагонискиот плански регион, Гого Видимче.
Според него, со меѓугранични тренинзи ќе се зајакнат капацитетите на двете страни за заедничка акција во случај на природни непогоди.

Буџетот на Центарот за развој на пелагонискиот регион за овој проект е околу 300.000 евра. Со него е планирано и инсталирање систем за рано предупредување и тревожење, изработка на меѓуграничен акциски план за превенција и управување со ризик, интегриран план за превенција од земјотреси, мрежа од повеќе метеостаници и џипиес-уреди за следење свлечишта во инфраструктурите под ризик, брани и патишта.
За придобивките од овој најнов проект со соседна Грција, зборуваше и Вангелис Кацарос, претставник на универзитетот „Аристотел“ од Солун, кој исто така е учесник во проектот.

– Со овој проект имаме две главни цели. Првата е сите да сфатиме дека цивилната заштита е случај за кој сите треба да се грижат и преку таа граѓанска заштита да изградиме заедничка доверба и заштита на граѓаните на двете земји. Ако нешто се случува во Битола, луѓето од Лерин, во најбрз можен рок, веднаш да дојдат и да помогнат и обратно, доколку ние во Лерин имаме временски непогоди од поплави, пожари, или не дај боже земјотрес, битолчани да се мобилизираат и да дојдат да ни помогнат – објасни Кацарос.

Инаку, ова не е првпат двата града да си помогнат еден на друг при евентуални временски непогоди. Во блиското минато, поточно во 2007 година, кога Битола ја зафатија големи пожари и кога буквално постоеше опасност местото викано Баир едноставно да биде пеплосано, а пожарот да се префрли во Националниот парк Пелистер, веднаш на помош дојдоа пожарникари од Лерин со противпожарни возила и се приклучија во гаснењето на пожарот. Сега, таква заложба за заедничка заштита од евентуални природни непогоди: поплави, пожари, земјотреси се регулира со проект, од кој корист ќе имаат двата града и регионите во кои тие припаѓаат.