Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети го обвини премиерот Зоран Заев дека му се јавил и побарал од него да влијае врз членовите на Судскиот совет за менување на судија. Тој на денешната прес-конференција поврзана со дивоградбите на Матка рече дека врз него се врши политички притисок и дека антикорупциската комисија отворила предмет против него без правен основ.

– Јас барањето на премиерот Заев го одбив и за две недели по тој повик се јави Антикорупциска која за мене е корумпирана комисија и покрена постапка за мене – рече Беџети.

Тој тврди дека освен од Заев добивал повици и од градоначалникот Петре Шилегов за да урне една од дивоградбите на Матка, а со другите да продолжи со градење. Притисоците не ги пријавил во МВР ниту во Обвинителството бидејќи бил на одмор, а не се пожалил ниту кај лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Градоначалникот Беџети најави дека ќе поднесе тужби против членовите на антикорупциската комисија за злоупотреба на службената положба.