Нелогично е да се скрати учеството на јавноста во изработување на урбанистички планови за големи инфраструктурни проекти како рудници, хидроцентрали и патишта кои скоро неизбежно се поврзани со влијанија врз природното и културното наследство, зафаќање на земјоделски и други приватни површини, па дури и со присилно раселување на население, сметаат од „Еко свест“
Новиот закон за урбанистичко планирање, за кој завчера се одржа втора јавна расправа во Собранието, е закана за природните подрачја во државава, смета центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“. Центарот бара пратениците да не гласаат за него, а Министерството за транспорт и врски како надлежно да ги земе предвид укажувањата за недостатоците и да подготви соодветни измени.
Како посериозен проблем во новиот закон, од „Еко свест“ го посочуваат тоа што големите и малите хидроенергетски проекти и рудниците се прогласени како подрачја и градби од државно значење, како и тоа што е намалена можноста за учество на јавноста во урбанистичкото планирање.
– Во законот мора да биде јасно определена моќноста на овие хидроенергетски проекти. Не може мали хидроцентрали да бидат градби од државно значење. Исто така, сметам дека е недозволиво во законот да пишува и „други видови подрачја и градби од државно значење“. Ова остава простор за толкување по потреба и манипулација и не смее да се дозволи. Потребно е дообјаснување и дури и таксативно набројување кои се тие други подрачја – истакна Давор Пехчевски од „Еко свест“.
Според Пехчевски, во ставот 4 точка 1 од овој закон се овозможува изградба на инфраструктурни проекти во зони за одржливо користење, а со Законот за природа тоа е забрането.
– Членови од законот се во колизија и со постојниот Закон за урбано зеленило. Повторно гледаме колизија на закони кога станува збор за заштита на природата и неодржлив економски развој за повеќе профит. Навистина не ни е јасно како во момент кога треба да го отвориме Поглавје 27, ние правиме сѐ спротивно од препораките на ЕУ – наведува Пехчевски.
Тој дополнува дека е нелогично да се скрати учеството на јавноста во изработување на урбанистички планови за големи инфраструктурни проекти како рудници, хидроцентрали и патишта кои скоро неизбежно се поврзани со влијанија врз природното и културното наследство, зафаќање на земјоделски и други приватни површини, па дури и со присилно раселување на население.
– Овој закон е само еден од низата кои имаат моќ да обезбедат одржлив развој на земјата, подобрен квалитет на живот во градот, заштита на здравјето на граѓаните и сѐ ова во насока на ублажување на климатските промени, а сепак тоа не го прави. Бараме од пратениците во Собранието како избрани претставници на граѓаните да не го дадат својот глас за закон кој ги има сите погоре наброени недостатоци. И бараме од Министерството за транспорт и врски како надлежно за овој закон сериозно да ги земе предвид овие недостатоци и да ги направи потребните измени – велат од „Еко свест“.