Околу 50 реномирани компании од Македонија и од регионот вчера се претставија на Саемот за кариера и алумни на приватниот универзитетот ФОН. На свечената церемонија на која им беа врачени дипломите на дипломираните студенти на ФОН, имаше штандови на кои беа претставени брендовите од најголемите компании од Македонија и од регионот.
– Саемот е за да се доближи секторот образование со бизнис-секторот. Студентите што дипломираа на ФОН имаа можност да остварат директни контакти со претставници од компаниите и да им ги остават своите податоци и биографии на компаниите што беа интересни за нив. Компаниите, пак, можеа да се запознаат со профили што им се потребни и директно да им понудат работа. Компаниите што имаат свои штандови, покрај тоа што ги презентираа своите услуги и можеа да одберат висококвалификуван кадар, имаа можност и да остварат контакти со преостанатите компании и да договорат соработка – истакна Силвана Јовческа, координаторка на саемот и професорка по економија на ФОН.
Ракометниот клуб Металург и неговата академија привлекоа големо внимание на саемот, каде што успешно се претставија со сопствен штанд, кој имаше значителна посетеност од страна на младите студенти.