Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли денеска ја посети Општина Делчево и оствари работна средба со градоначалникот Горан Трајковски.
Како што соопшти Општина Делчево, амбасадорот Бејли на средбата се интересирал за спецификите на Делчево, потенцијалите и можностите за развој, како и со предизвиците со кои се соочува општината.
– Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од посетата и благодарност од досегашната соработка и поддршка на американскиот народ во реализација на проекти кои се од витално значење за Делчево и кои се во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, посебно во подобрување на условите за работа во образовните институции во градот- информира Општината.
Во знак на благодарност Трајковски му врачил на Бејли Плакета од Делчево и уметничка слика со мотив од старо Делчево од локалниот уметник Петар Атанасов-Пепи.
Американскиот амбасадор го посетил и кампот на Мировниот корпус во ООУ „Климент Охридски“ каде има 50-ина ученици, а наставата и едукативните содржини ги реализираат волонтери.