Состојбата со коронавирусот е удар врз економијата и врз целиот јавен живот, а справувањето со оваа криза во светот има сериозно влијание врз економијата, истакна во онлајн интервју премиерот Оливер Спасовски и нагласи дека здравјето и животот на граѓаните немаат алетрантива.

– Паралелно со грижата за здравјето на граѓаните работиме на тоа да заздрави економијата и правиме напори за воведување мерки за економјата да може да живее, за таа цел направивме средби со стопански комори, со гувернерот на Народната банка за да ги видиме сите инфомации околу фискалните импликации – истакна Спасовски

Конкретно, додаде тој, економскиот тим на владата од утре ќе почне со мерки за македонската економија, како и директна помош на економијата, особено за оние сектори кои се најпогодени.

Тој додаде дека некои мерки се навистина многу радиклани, но тоа е подобро за да се превенира состојбата и да трае покус период, што е подобро и за граѓаните и за економијата.


Ако некој сака да печали на ситуацијата со коронавирусот, на крајот ќе изгуби

Не прифаќам никакво политичко профитерство на грбот и здравјето на граѓаните. Исто така и во економијата или профитерство во новинарството. Ако некој се одлучил на оваа ситуација да ја користи и сака на неа да печали поени, на крајот ќе изгуби, рече во интервјуто премиерот Спасовски.

– Ако некому му се поважни политичкиот рејтинг или поените од здравјето на граѓаните, тогаш тоа не е лидерство. Нам ни треба да покажеме лидерство пред граѓаните. Има луѓе кои се одговорни за ситуацијата и во опозицијата, но некои од раководствата на партиите, иако излегуваат и тврдат дека ги поддржуваат мерките на Владата, сепак нудат некакви тимови за интервенција. Тимовите задолжени за ситуацијата може да се најдат исклучиво во болниците, не постојат партиски лекарски тимови. Ова не е вирус за едни или други, не постои партиски вирус, тој е опасен за сите нас подеднакво – рече Спасовски во врска со најавите на некои партии, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ, дека тие имаат свои медицински екипи кои може да интервенираат.

Спасовски повика да надвладее разумот, кој во моментов е најнеопходен за да се зачува ситуацијата со вирусот под контрола.

– Да ги почитуваме институциите, а преку нив и граѓаните. Здравјето и животот се поважни од секоја политичка одлука и од секоја политичка цел. Затоа на лидерската средба зборувавме сите, а потоа зборував и на телеофн со сите лидери на партии. До 22 март партиите ги ставаат под мораторум сите активности за изборите и тоа треба да се испочитува. Пораката на политичките лидери која треба да ја испраќаме деновиве е порака на одговорност, порака која треба да ја следат следбениците на партиите, за да донесеме подобра иднина со надминување на оваа состојба. Секој аспект од кризата мора да се цени и во рамки на тоа да се носат одлуки за изборите и за другите прашања. Ако граѓаните и животот се најважни тогаш чија и која политичка цел може да биде поважна? – праша Спасовски.