Фото: Игор Бансколиев

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 20 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека вкупно 433 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

– Во последното деноноќие, на интерните клиники имаше 7 приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за ОРЛ и на Клиниката за гастроентерохепатологија, тројца на Очната клиника и двајца на Клиниката за нефрологија. Во ковид-центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани петмина болни – се наведува во соопштението на ресорното министерство во кое се додава дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 16 оздравени пациенти.

Од вкупно 433 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 86 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.