Фото: Архива

Управниот одбор на Нотарската комора на Република Северна Македонија на 14 април донесе одлука за активно вклучување во акцијата за донација и доделување на
парични средства за поддршка и помош во справувањето во борбата со
ширење на коронавирусот. Одлуката е донесена врз основа на утврдената мерка на Владата на Република Северна Македонија донесена на својата 32-та седница одржана на ден 31 март, со која се формира солидарен фонд ковид-19 фонд, односно наменска сметка за примање на донации од правни и физички лица кои ќе имаат можност и волја да донираат средства кои ќе се користат за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од корона вирусот и јавниот повик од претседателот на Владата на РСМ.

Во донацијата на повик на Нотарската комора се вклучија и дел од нотарите од Република Северна Македонија со свои финансиски парични средства на доброволна основа. Вкупно собраните парични средства во износ од 161.500 денари се уплатени на наменската сметка на Владата на Република Северна Македонија за донации за помош и поддршка за справување со економско-здравствената криза предизвикана од коронавирусот ковид-19, за што денеска е склучен и Договорот за доделување на средства по основ на донација помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Нотарската комора на Република Северна Македонија.

Здравјето е сопствена, но и колективна одговорност на сите нас. Хуманоста и солидарноста немаат граници, а подадената рака е секогаш добродојдена онаму каде што е потребно, порачуваат од Нотарската комора.