Родителите што се членови на граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод, реагираат дека заради вонредната состојба во државата, не можат да си го остварат правото да си ги гледаат децата.

Бараат од Министерството за труд и социјална политика јавно да соопшти дека вонредната состојба не влијае на родителските права и родителските контакти, па затоа издадените решенија за видување продолжуваат да важат и во оваа ситуација, нормално прилагодени на рестрикциите за движење.

– Се соочуваме со проблем ние родителите чии деца не живеат со нас после развод или разделба. Се случува масовна појава примарните родители самоволно да ги прекршуваат решенијата за видување издадени од Центрите за социјални работи под изговор на вонредната состојба и мерките за ограничување на движењето. Знаеме и од претходно дека центрите за социјална работа немаат соодветни механизми како да обезбедат извршување на своите решенија, па најчесто го игнорираат проблемот и оставаат родителите да се договорат, но ако можеле да се договорат, немаше да има потреба да се инволвираат центрите. Ситуацијата е дополнително влошена со редуцираното присуство на службениците во центрите на нивните работни места и продолжените рокови за одговор во управните постапки, поради вонредната состојба – стои во соопштението.

Со ова, велат оттаму, се создава ситуација добар дел од секундарните родители, да не можат да ги остварат ниту минималните видувања кои ги пропишува државата, а немаат ниту каде да се обратат за помош.

– Оваа ситуација може да потрае неколку месеци, додека трае и вонредната состојба. Ваквата појава е на штета на голем број деца (според нашите проценки околу 15.000 деца), за кои вонредната состојба значи и целосен прекин на контактите со едниот родител. Потребите на децата не се менуваат во вонредна ситуација, се уште имаат потреба да бидат нахранети, облечени, да си играат и се уште имаат потреба да бидат со двата родитела. Постои и дополнителна потреба да се заштитат од тековната пандемија, но тоа секако дека секој совесен родител го прави за своите деца, почитувајќи ги мерките определени од надлежните. Не постои доказ дека децата се позаштитени кај примарниот родител отколку кај секундарниот – се додава во реакцијата.

Оттаму потенцираат дека во други земји надлежните министри излегуваат во јавност и објаснуваат дека рестрикциите на движење не се однесуваат на видувањата на децата со родителите.

– Свесни сме дека родителските права не се суспендирани со вонредната состојба и затоа повикуваме да се издаде такво соопштение со цел да се спречат еден куп жалби, поплаки, претставки и други правни инструменти кои ни стојат на располагање во ситуација кога државата дозволува своеволно неспродведување на своите одлуки. А најмногу е потребно такво соопштение за да државата покаже дека навистина секое дете е важно и дека на секое дете може да му го обезбеди едно од основните права – правото на контакт со двата родитела – велат во организацијата.