Од вкупниот број на заболени со коронавирус во Македонија, 662 се машки, а 737 женски лица, според податоците објавени од Институтот за јавно здравје.

Возраста на заболените се движи до 91 година. Последните податоци укажуваат дека најголем број на заболени, односно 292 лица, се на возраст од 50 до 59 години, каде е регистрирана и највисока специфична инциденца – 105,0/100.000. Кај лица над 60 години регистрирани се 287 случаи, а најниска инциденца од 22,4 и 22,3 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 10-19 и 0-9 години, каде се пријавени 56 и 51 случаи.

Во земјава досега се пријавени вкупно 1.399 случаи на ковид-19, од кои најголем број се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп, додека највисок леталитет се регистрира во Струга.

Од пријавените случаи, 22,9 проценти биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите биле или во моментов се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8%), кашлица (53,2%), малаксаност (34,7%), треска (19,0%), главоболка (16,4%), болка во грло (15,8%) и отежнато дишење (15,0%). Кај 485 или 34,7 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9 проценти имале контакт со веќе потврден случај во државата.

Со коронавирус досега заболени се 228 медицински работници.