Приказни од самоизолациjа

Па ние сме живееле во тотален луксуз!

На самиот почеток од сево ова лудило, водев постојана борба да го отселам стравот што полека се вдомуваше во мене. Никогаш досега не сум седела да гледам телевизија, дневните програми со години сама ги создавам. Почнав да ги следам сите информации, да истражувам, сакав да дознаам сѐ. Станав анксиозна, имав постојана грижа и страв. Станав експерт во дезинфицирање. Сфатив дека се оддалечив од себе, од сѐ што ме правеше среќна, полетна и радосна. Чувствував тивка, но необјаснива хистерија. Мислев дека ако го полеам стравот со хумор ќе биде продуктивна досетка. Но не. Стоп! Зошто да ме плаши ова време, кога нема подобар момент за да направам сѐ за што никогаш немав време?

Самоизолацијата не е затвор, ниту логор, можеби е физичко дистанцирање, но дефинитивно не се дистанцираш од себеси. Па ние сме живееле во тотален луксуз! Сме консумирале храна, луѓе, места и милион други облици на слободи за кои не сме биле свесни и притоа чувството за сиромашност, гладост за повеќе и повеќе никогаш не нѐ направило сити. Читајте, читајте и читајте. Раскази, романи, песни. Пијте чај, многу чај. Музика и повеќе од вообичаеното. Со музика сѐ е полесно. Размислувајте. Негувајте се. Поздравете го сонцето, поклонете му се. Вежбајте јога – „сурија намаскар“ е хармоничен спој на асани и може да го вежбаат и почетници.

Ете, читајте за тоа. Оддалечете се од политиката, таа разболува, ве парализира, ве прави депресивни. Политиката е полна со вируси. Комуницирајте со вашите пријатели и со вашето семејство. Моите не ги гледам воопшто, но се слушаме и повеќе од порано. Го препрочитав Кафка. Овие денови ја читам „Дванаесеттата планета“ на Зехарија Ситчин. Читам за Анунаки, за Нибиру. За вавилонскиот мит Енума Елиш. Се запознавам со ајурведата. Играм игри. Гледам серии, филмови. Правам сѐ зашто го имам целото време на светот. Пеам. Имаме четири кучиња дома. Уживам во дворот во Соње. Самоизолацијата гледајте ја како предизвик. Гледајте документарци, па и цртани. Направете тулумби. Изедете ги сите ако треба. Останете жилави во вашиот логор. Така му помагате на светот.