Владата го поздравува денешното усвојување на пакетот од 70 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) за финансирање на пристапот на земјите од Западен Балкан до вакцини против ковид-19, набавени за земји членки на ЕУ од страна на Европската комисија, порача денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

– ЕУ е нашиот најважен и најблизок пријател во сите фази на пандемијата. Ја поздравуваме одлуката да се обезбедат 70 милиони евра за да се покрие трошокот за вакцини за приоритетните групи, како и опрема, потребна за да се изврши вакцинацијата. Имајќи предвид дека вакцинирањето во земјите членки почна викендов, ќе следуваат засилени напори и координирање, што треба да овозможат итен пристап до вакцини за Западен Балкан како клучен исчекор кон завршување на пандемијата – нагласи Димитров.

Од Секретаријатот за европски прашања појаснуваат дека пакетот од 70 милиони евра ќе се исплаќа во форма на грантови што ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцините за приоритетните групи во регионот, како и за потребната опрема за вакцинација.

Тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да набават вакцини од договорите за авансна набавка на ЕУ со шест производители, а одделни земји членки на ЕУ ќе споделат дел од нивните претходно доделени дози.