Задолжителен 14-дневен карантин отсега ќе има само за патниците од Индија, одлучи Владата на денешната седница. Ова значи дека се укинува карантинот за патниците од Африка и од Бразил.
– Владата донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица – патници од земјите од Африканскиот континент и Федеративната Република Бразил, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително да се упатуваат во 14-дневна изолација (карантин) односно оваа мерка да продолжи да се применува само за странски физички лица – патници од Република Индија – соопшти Владата.
Во врска со епидемијата, на седницата, министерот за здравство Венко Филипче, информирал дека бројот на дијагностицирани и хоспитализирани лица е намален и следствено на тоа се затворени дел од ковид-центрите.
Во однос на постапката за масовна вакцинација на населението, Филипче информирал дека процесот на набавка на вакцини и вакцинација на населението се одвива добро, најавувајќи отворање на два дополнителни пункта за имунизација во Велес и Прилеп.