Во болница поради ковид-19 лежат 340 пациенти
Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со ковид-19, во период од 6 август 2021 година заклучно со 13 јануари 2022 година. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во периодот од 6 август, лани до 13 јануари, годинава на територија на државата 85.593 граѓанин биле позитивни, а тестирани за ковид-19. Од нив 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно вкупно 32.079 лица.
-Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните не биле вакцинирани. Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 340 лица, a од нив 19 отсто се вакцинирани, 81 проценти не се вакцинирани. Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден, од болница – информираат од Министерство за здравство.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.
-Во период од 6 август, лани до 13 јануари 78 проценти од починатите лица со ковид-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на коронавирусот – велат од Министерство за здравство.