Србија денеска достигна нов рекорд по бројот на заразени со коронавирус – 18.006 случаи од 39.740 тестирани примероци се потврдени во последните 24 часа, соопшти тамошното Министерство за здравство
Во Србија во последните 24 часа се регистрирани нови 18.006 граѓани заразени со коронавирус, а починаа 26 лица. Тестирани се вкупно 39.740 луѓе, или речиси половина од нив се позитивни.
Вчера беа регистрирани 12.797 позитивни и 27 смртни случаи.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека денешниот број на новозаразени ќе биде најголем досега забележан во Србија.
-Бројката ќе биде катастрофална и очекуваме денеска да го собориме неславниот рекорд-рече Брнабиќ и додаде дека е добро што „клиничките слики се поблаги“.
Заразените со коронавирус што се лекуваат дома се обврзани да бидат во изолација седум дена, а не 14 како што беше досега.
Оваа измена, која е објавена во Службен весник, вчера ја усвои Владата на Србија. По седум дена, пациентот со ковид-19 се јавува на лекар во клиниката за ковид и изолацијата се прекинува без тестирање, па пациентот може да се врати на работа
Седумте дена изолација важат и за вработените во здравствените и социјалните установи, со тоа што седмиот ден прават ПЦР-тест.
Во случај да е негативен – се враќаат на работа. Ако се сепак позитивни – остануваат дома до десеттиот ден и се враќаат на работа без тестирање.
Моментално има повеќе од 2.000 пациенти со ковид во болниците низ Србија. Таа бројка е неспоредливо помала од претходните бранови кога беа хоспитализирани повеќе од 9.000 пациенти.
Видот омикрон очигледно има полесна клиничка слика, но и делта-сојот не е целосно искоренет. Сепак, сè уште има оние пациенти кај кои ковид доведува до поголеми компликации, па затоа е неопходен болнички надзор.
Експертот за вакцини и имунизација д-р Драгослав Поповиќ и вирологот Миланко Шеклер сметаат дека не е време за опуштање.
-Оние што ги гледаме деновиве можеби изгледаат како слика за тоа како може да изгледа крајот на пандемијата, но има многу непознати и не смееме да се опуштиме-вели Поповиќ.
Шеклер, пак, истакнува дека мора да престанеме да бидеме фасцинирани од бројот на новозаразени луѓе.