Големи собни папучи се поставени на плоштадот во Скопје со порака „Седете дома“.

Уметничката акција „Седете дома“ е наменета да им помогне на граѓаните да истраат во излолацијата и сведувањето на излегувањето на минимум во овие мигови кога изолацијата е можеби најефикасното средство за борба против епидемијата.

– За претстава на оваа интервенција ги избравме папучите кои претставуваат синоним за останување дома но и синоним за почитување на мерките и наредбите бидејќи во Скопскиот сленг терминот папучар најчесто се користи за некој кој безпоговорно ги следи наредбите и советите а во овие мигови сметаме дека токму тоа ни е потребно. Со оваа акција како и со претходната акција (Држете дистанца) сакаме да ги охрабриме граѓаните да издржат во оваа за сите нас многу важна битка но и да покажеме дека уметноста и културата и во овие тешки моменти се со граѓаните и дека сите мора да бидеме сплотени за да си го вратиме животот во нормала – велат активистите.

Тие истакнуваат дека и оваа акција ја посветуваат на здравствените работници.

Акцијата е изработена без никаков директен контакт на членовите на групата, односно е работена етапни и секвенцијално од страна на различни автори.