Луѓето што дишеле загаден воздух се позагрозени од коронавирусот, покажуваат најновите сознанија, кои се особено загрижувачки и за македонските граѓани, ако се земе предвид фактот дека голем број македонски градови со години се меѓу најзагадените во светот

Истражување за поврзаноста на загадувањето на воздухот и смртноста од ковид-19

Луѓето што живеат на подрачја со зголемено ниво на загадување на воздухот имаат поголем ризик од посериозни здравствени нарушувања, па и смрт како последица предизвикана од ковид-19, покажуваат истражувањата во најновата студија, која укажува дека оштетувањата на ткивата поради коронавирусот се влошуваат поради долготрајното изложување на загаден воздух.

Прелиминарните наоди од минатогодишниот извештај „Загадување на воздухот и здравјето на луѓето: Случајот со Западен Балкан“, изработен од УНЕП, програма за животна средина во рамките на ОН, подготвен во соработка со Светската здравствена организација и институциите за управување со квалитетот на воздухот во шест западнобалкански земји, покажуваат дека вкупниот број предвремени смртни случаи, кои директно му се припишуваат на загадувањето на воздухот во градовите, е речиси 5.000 годишно. Или меѓу 1,1 и 1,3 година од животот им се крати на граѓаните од државите од Западен Балкан поради загадениот воздух.
Студијата што ја изработија научниците од харвардската школа за јавно здравје од Бостон покажува дека дури и мал раст на нивото на загадувањето во годините пред пандемијата е поврзан со 15 отсто од смртноста од коронавирусот.

Истражувањето спроведено во САД покажа дека доколку воздухот на Менхетн во минатото бил малку почист, сега би можеле да бидат спасени стотици животи. Со оглед на големите разлики во нивоата на токсичен воздух меѓу земјите, истражувањето сугерира дека луѓето во загадените области многу поверојатно ќе умрат од коронавирусот отколку оние што живеат во почисти подрачја.
Во одвоен извештај на научниците од Италија е забележано дека високите стапки на смртност што се забележани на северот на земјата се токму во корелација со највисоките нивоа на загаденоста на воздухот.
Научниците наведуваат дека нивните откритија би можеле да бидат употребени во насока на тоа во подрачјата со високо ниво на загадување да се преземат дополнителни мерки на претпазливост за да се забави ширењето на вирусот и да се распоредат дополнителни ресурси.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Низ планетата загадувањето на воздухот е значително намалено поради воведените рестриктивни мерки на движење и ограничувањето на сообраќајот и на индустријата, но научниците наведуваат дека обезбедувањето почист воздух во иднина би помогнало во намалувањето на смртноста од ковид-19.
Според пулмологот Дејан Докиќ, има логика во ваквите тврдења, иако за него засега сето ова е на ниво на претпоставки.

– Има логика во тоа кај луѓето што престојувале на места со загаден воздух, ковид-19 да предизвикува фатални последици. Имено, самото загадување на воздухот прави лесни воспаленија на дишните патишта и тие се оштетуваат. Кога вирусот ќе дојде во контакт со веќе оштетените дишни патишта, може да направи само поголеми оштетувања и ништо чудно и смртноста да е поголема – вели Докиќ.
Тој уште додава дека, сепак, не може да се тврди со сигурност дека има поврзаност меѓу овие два фактора и дека сè додека не се потврди со повеќе истражувања, тоа е во доменот на претпоставки.