Приказни од самоизолациjа

Меѓугенерациската поврзаност е висока доблест

Ковид-19 се јави токму кога ја завршував книгата „Психологија на стареењето“. Сега, за време на изолацијата, вниманието ми е насочено кон нужноста од меѓугенерациската поврзаност. Има различни возрасти што се определуваат според различни критериуми: календарска или хронолошка возраст (почнува со датумот на раѓањето); биолошка (според функционирање на биолошките органи и организмот како систем); субјективна или психолошка возраст (според личното доживување на годините што ги носиме); социјално-културна (одмерување со и од другите во социјалната интеракција), но има и реална и очекувана возраст.

Меѓугенерациската поврзаност и соработка за мене се висока доблест. Многу ми значат моите студенти и помлади колеги. Животот ми добива посебна убавина во соработката со мојата дванаесетгодишна внука. Погледнете ја корицата на мојата последна книга, која таа ја дизајнираше: баба и внука сплотени под виножито. Во овие денови на изолација, заедно подготвуваме сликовница и мало прирачниче околу насилништвото. Убаво ни оди соработката преку интернет.

Во месецов на изолација размислувам дека би било убаво пензионерите од Македонија да се здружиме како рамноправни членови во Европската федерација на постари лица, во која има 28 држави-членки од Европа. Така поврзани ние постарите возрасни луѓе од Европа ќе ги остваруваме своите права и обврски во рамките на заедницата.

Олга Мурџева-Шкариќ, професорка