Каков ќе биде есенскиот период никој не знае, но педијатрите не очекуваат бурна сезона
Ако во август најголем дел од хоспитализираните деца беа оние со ковид-19, сега нивниот број е речиси двојно намален, но е зголемен на болни со респираторни вирусни инфекции.
Со тоа, според Д-р Бесник Зеќири, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, ковид-19 се заменил со вирусни и бактериски инфекции на горните респиратни патишта, па се до состојби на пневмонија, кога понекогаш е потребна и кислородна поддршка.
– Заразувањето со ковид-19 кај децата се потсмири. Имаме околу десетина деца кои се хоспитализирани, што е далеку помалку од август, кога имаше и по 20 ковид-позитивни деца во болницата. Сега доаѓаат и такви со стомачни симптоми, но тие повеќе се лекуваат кај матичните доктори или на Клиниката за детски болести во Скопје – објаснува тој.
Во болницата во Козле дневно се прегледуваат и до 50 деца со различна симптоматологија, но најчесто поврзана со белодробните заболувања. Засега, таму се хоспитализирани 20 деца со белодробни заболувања, а за две деца со пневмонија потребна е кислородна поддршка.
– Во најголем дел децата се со лесна клиничка слика. Но, доаѓаат и со висока температура, болки во грло, носна опструкција, кашлица, секрет, па на некои им е потребно и болничко лекиување – додава директорот Зеќири.
Педијатрите не очекуваат бурен есенски период. Тие посочуваат дека секој почеток на учебната година носи и вирусни и бактериски инфекции кај децата. Сепак, велат дека уште е рано да се даде предвидување каква ќе биде состојбата и со ковид-19 и со останатите вирусни инфекции, оти учебната година е на почеток.