Фото: Федерална Влада на Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека не очекува да се потпише нуклеарен договор со Иран во блиска иднина.

Тој додаде дека Иран нема причина да не го потпише договорот и оти европските земји ќе останат „трпеливи“.

– Европските земји дадоа предлози и сега нема причина Иран да не се согласи со нив, но мораме да го земеме предвид фактот дека тие сè уште не се согласуваат, така што тоа сигурно нема да се случи наскоро, иако извесен период изгледаше дека ќе биде. Остануваме трпеливи, но остануваме и јасни: Иран мора да биде спречен да има способност да развие нуклеарно оружје – рече Шолц по разговорите со израелскиот премиер Јаир Лапид, кој инсистираше на тоа дека обновувањето на договорот од 2015 година ќе биде грешка.

САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година за време на мандатот на Доналд Трамп и повторно воведоа санкции кон Иран, па Техеран почна да ги крши точките од договорот.

Германија, заедно со Франција, Велика Британија, Русија и Кина, останува страна во договорот и е вклучена во разговорите за негово заживување кои не напредуваат повеќе од една година.

Иран е подготвен да ја продолжи соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, додавајќи дека МААЕ „не подлегна на израелскиот притисок во врска со нуклеарните активности на Техеран. “

Раководството на МААЕ денеска ќе има средба, три месеци по усвојувањето на резолуцијата со која се повика Иран да им даде соодветни одговори во врска со истрагата за траги од ураниум на три необележани локации во земјата, пренесоа британските медиуми.