Додека светот е пред третата година во борбата против коронавирусот, група јапонски научници забрзано работат на револуционерна вакцина која ќе гарантира доживотна ефикасност, објави информативниот портал Џапен тајмс. Порталот пишува дека сегашната пракса е да се прима и бустер, односно засилувачка доза, а новата вакцина треба да му донесе голем пресврт на човештвото – покрај здравствените придобивки, може да доведе и до значителни финансиски заштеди и тоа на глобално ниво.

Мичинори Кохара, почесен професор и истражувач на Метрополитен институтот за медицински науки во Токио, кој го води истражувањето, на почетокот на 2020 година почна да размислува за вакцина која, како онаа за големи сипаници, ќе помогне да се искорени опасниот коронавирус. Во април 2020 година, Кохара, во соработка со Националниот институт за заразни болести, почна да ја развива рекомбинантната вирус-вакцина, кој го содржи предизвикувачкиот агенс на Ковид-19. Неговиот тим избра непатоген вид на вакцина наречена DIs, кој делува како исклучително ефикасен и безбеден вирусен вектор, пишува Џапен тајмс.

Револуционерната вакцина на Кохара може да произведе моќни неутрализирачки антитела во рок од една недела по имунизацијата и да понуди долготрајна заштита. И ако две инјекции од вакцината се дадат со разлика од три недели, неутрализирачките антитела се зголемуваат за дури десет пати. Вакцината, исто така, најверојатно ќе биде ефикасна против омикрон. Друга предност е нејзината способност да се чува долго време на собна температура.

– Оваа вакцина може да предизвика антитела и да создаде доживотен имунитет. Една инјекција ја задржува својата ефикасност повеќе од 20 месеци, а не постои друга вакцина која може да постигне такви ефекти – изјави Мичинори Кохара.

Јапонскиот производител на лекови „Нобелфарма“ планира до почетокот на 2023 година да ги спроведе првата и втората фаза од клиничките испитувања на вакцината на Кохара. Студијата ќе вклучи 150 до 200 волонтери, вклучувајќи ги и оние кои го прележале вирусот и оние кои биле целосно вакцинирани. Доколку се потврдат ефикасноста и безбедноста, завршната фаза од клиничкото испитување треба да започне веднаш потоа, а комерцијализацијата на вакцината е закажана најрано за 2024 година.

Кохара исто така тврди дека неговата вакцина предизвикува многу помалку несакани ефекти. Тоа го поткрепува и фактот што вирусите во вакцината против сипаници се користеле повеќе од два века и биле безбедни, објави Џапан тајмс.

– Сегашната ситуација е дека ќе треба да се вакцинираме толку често на секои три или шест месеци и ќе треба да правиме нови вакцини секогаш кога ќе се појават нови варијанти на загриженост. Значи, ако ефикасноста на нашата вакцина трае една, две или три години, тоа би значело огромни заштеди вредни трилиони јени. Вакцината исто така има висок вкрстен имунитет да делува против многу варијанти, така што овие две работи сами по себе го оправдуваат создавањето на оваа вакцина – изјавил професорот.