На 28 март, 2.000 шведски истражувачи потпишаа петиција со која ја повикаа владата „веднаш да преземе чекори и да ги почитува препораките на Светската здравствена организација“. Мерките треба да имаат за цел да го ограничат контактот меѓу луѓето, како и да спроведат масовно тестирање, се наведува во петицијата, пренесува Си-ен-ен.
– Мерките треба да бидат во функција што е можно побрзо, како што е случајот со другите европски земји. Нашата земја не треба да биде исклучок во работата за справување со пандемијата – напишаа шведските научници.
Тие исто така потенцираа дека „колективниот имунитет“ како во случјот со грип, има многу мала научна поддршка. Набрзо по најавувањето на планот, владата се откажа од оваа идеја.
– Немаме план за создавање на колективен имунитет во Шведска. Ние делиме иста цел како и другите земји, да спасиме животи и да го заштитиме јавното здравје – изјави Лена Халенгрен, шведската министерка за здравство.
Некои експерти сметаат дека големиот број на смртни случаи во Шведска се должи главно на недоволното преземање мерки и социјалното дистанцирање.
– Јасно е дека Шведска има поголем број на смртни случаи досега, а тоа веројатно во извесна мера се должи на отсуството на строг карантин и на задолжителен со закон карантин. Вистината гласи дека никој, ниту во Шведска, ниту на друго место, не знае која е најдобрата стратегија. Времето ќе покаже – изјави Јан Алберт од институтот „Каролинска“, додавајќи дека научниците се тивки за планот за колективен имунитет, бидејќи мислеле оти тој може да послужи против епидемијата.
Властите сметаат дека не може да се суди дали нивниот пристап е лош, врз основа на тоа што Шведска не наметна строги мерки за карантин и за социјално дистанцирање. Тие исто така сметаат дека е прерано да се донесат било какви заклучоци во врска со нивното справување со пандемијата. Здравствените експерти исто така тврдат дека доколку се појави нов бран на ковид-19 во иднина, населението кое ја прележало болеста полесно ќе го порази поради веќе создадените антитела.
– Знаеме многу малку за оваа болест, но повеќето експерти од Шведска се согласуваат дека оние кои го прележале вирусот веќе имаат развиено антитела. Се надеваме дека ова ќе ни помогне во следниот бран, доколку се појави – вели Агнес Тегнел, државен епидомолог.
На прашањето дали бројот на починатите би бил помал, доколку Шведска го следеше истиот пат како и другите европски држави при воведување строги ограничувања, тој вели дека околу 50 отсто од нивните смртни случаи се во домовите за стари лица, и не гледа начин како карантинот и мерките би го спречиле ширењето на вирусот кај овие лица.
Шведска ги изненади нејзините соседи со пристапот за справување со пандемијата на коронавирусот. Иако нејзините жители беа советувани да работат од дома доколку се во можност, тие продолжуваат да одат на работа, а улиците и рестораните се полни со луѓе.
На 7 април шведската влада воведе предлог-закон за носење на привремени мерки доколку тие бидат потребни. Министерството за здравство ги замоли луѓето да не патуваат беспотребно, да го запазат социјалното дистанцирање и да бидат совесни и одговорни.
Но, стапката на смртност од ковид-19 во Шведска е поголема од другите земји во Европа. Шведска има 21 смртен случај на 100.000 луѓе, за разлика од Данска каде што има само седум случаи на секои 100.000 луѓе. Сепак, Шведска нема сериозен број на смртни случаи како во Италијаи Шпанија, кои имаат по 44 и 49 смртни случаи на сто илјади луѓе. Има и многу комплексни разлики помеѓу овие две земји и Шведска, како што е големата популација на постари граѓани, повеќе пушачи, како и повеќе мултигенеративни семејства.
Шведска регистрирала 18.640 заразени и 2.164 смртни случаи кај нејзината популација од 10,3 милиони луѓе, за разлика од Данска која има 8.733 заразени и 422 смртни случаи кај население од 5,8 милиони, Норвешка 7.449 случаи и 202 смртни случаи кај нејзините 5,4 милиони луѓе, а Финска 4.576 случаи и 190 смртни случаи кај нејзиното население од 5,5 милиони. Сега, Данска и Шведска полека ги олабавуваат мерките и ги отвораат градинките и училиштата, како и бизнисите и салоните, додека Финска ги задржа мерките до 13 мај.