Светот се подготвува за почетокот на 2022 година, по уште една турбулентна и пандемична година оптоварена со нови ограничувања, сѐ поголем број случаи на коронавирус, со слаба трошка надеж за подобри времиња кои претстојат, анализираат светските медиуми.

Пандемијата, која сега влегува во третата година, беше таа што повторно доминираше во животите на поголемиот дел од човештвото.

Повеќе од 5,4 милиони луѓе починаа откако коронавирусот првпат беше пријавен во централна Кина во декември 2019 година.

Надежта се појави откако вакцините кои спасуваат живот станаа достапни за околу 60 отсто од светското население, иако многу од сиромашните земји во светот сè уште имаат ограничен пристап, а некои од богатите веруваат дека вакцините се дел од заговор.

Но, како што се приближуваше на крајот на 2021 година, појавата на новиот сој омикрон го зголеми бројот на нови случаи на дневна основа од коронавирус, пишуваат агенциите.

Велика Британија, САД, па дури и Австралија, уриваат рекорди во нови случаи од ковид-19.

Од Сеул до Сан Франциско, новогодишните прослави се повторно откажани или скратени. Рио ќе биде домаќин на прослави кои обично носат три милиони луѓе на плажата Копакабана.

Како и на Тајмс Сквер во Њујорк, официјалните настани во бразилскиот град ќе бидат ограничени, но сепак се очекуваат толпи весели луѓе.

– Луѓето имаат само една желба, да ги напуштат своите домови, да го прослават животот по пандемијата што ги принуди сите да се затворат себеси – рече 45-годишниот келнер на плажата Копакабана, Франциско Родригес. Некои Бразилци се повнимателни откако една од најсмртоносните епидемии во светот зад себе остави 618.000 починати.

Во Јужна Кореја расположението не е толку празнично. Традиционалната церемонија на ѕвонење на полноќ е откажана втора година по ред, а властите најавија продолжување на построгите правила за растојание на две недели за да се справат со постојаниот пораст на инфекциите.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида на својот официјален канал на Јутјуб ги повика луѓето да носат маски на забавите и да го ограничат бројот на луѓе кои доаѓаат.

Нов Зеланд, познат по својот успех во борбата против коронавирусот, ќе овозможи некои прослави. Неговиот најголем град, Окленд, ги олесни ограничувањата оваа недела за да им овозможи на луѓето да уживаат во песната и танцот.

Најголемиот австралиски град Сиднеј, исто така, одлучи да приреди огномет што ќе го осветли култното градско пристаниште. За разлика од минатогодишниот настан без публика, се очекува десетици илјади луѓе да се соберат на брегот.

Австралиските власти велат дека нивниот ненадеен пресврт, напуштање на политиката на нулта толеранција кон коронавирусот во корист на „живеење со ковид“, се заснова на високата стапка на вакцинација кај возрасните и сè поголемиот доказ дека омикронот е помалку смртоносен.

Сепак, не е се така црно. Во Јужна Африка, првата земја што го пријави новиот сој омикрон, полицискиот час е укинат од полноќ до 4 часот наутро за да може да се одржуваат прослави.

Тамошните здравствени власти рекоа дека падот на бројот на заразени минатата недела укажува дека врвот на сегашниот бран е поминат. Експертите се надеваат дека трендот ќе се повтори на друго место и дека 2022 година ќе биде запаметена како нова, помалку смртоносна фаза на пандемијата. Но, Светската здравствена организација предупреди на претстојните времиња.

– Ова создава и ќе продолжи да создава огромен притисок врз исцрпените здравствени работници, а здравствените системи се на работ на колапс – велат од СЗО.