Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дeнеска изјави дека првите Европејци веројатно ќе бидат вакцинирани против ковид-19 пред крајот на годинава откога Европската агенција за лекови објави дека може да ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ на состанокот на 21 декември.

Европската агенција за лекови (ЕМА) oбјави дека состанокот на кој ќе се дискутира за одобрувањето на вакцината може да се помести за 21 декември наместо претходно закажаниот датум, 29 декември.

– Секој ден е важен, работиме со полна брзина да одобриме вакцина против Ковид-19 која е безбедна и ефикасна. Ги поздравувам вестите од ЕМА. Веројатно, првите Европејци ќе бидат вакцинирани пред крајот на 2020 година – објави на Твитер претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен.

Претходно, германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, повика на забрзување на процесот. Велика Британија прва ја одобри вакцината изработена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“ и веќе им ја дава на своите жители, а САД вчера ја почнаа својата програма за вакцинација со оваа вакцина.

За разлика од САД и Велика Британија, Европската Унија не издава одобренија за итни случаи за вакцинација, што значи дека постапката мора да се спроведе според вообичаената процедура.