Суспендирањето на клиничките испитувања за вакцината против ковид-19 на фармацевстваката компанија „АстраЗенека“ може да биде и повик за освестување и да се разбере дека во научните кругови се случуваат и вакви работи, изјави претставничката на Светската здравствена организација, научничката Сумија Сваминатан.

„АстраЗенека“, која ја развива вакцината во соработка со Универзитетот во Оксфорд, влезе во третата фаза на испитувања како најперспективна опција за функционална вакцина.

Сепак, еден од учесниците во истражувањето во Велика Британија доби симптоми поврзани со ретко воспалително нарушување на ‘рбетот, по што тестирањето беше паузирано.

– Ова е повик за освестување за да препознаеме дека постојат подеми и падови во клиничкиот развој и дека треба да бидеме подготвени. Но, да не се обесхрабруваме – рече Сваминатан.

Владите ширум светот чекаат вакцина што ќе помогне да се стави крај на пандемијата ковид-19, поради која починаа повеќе од 900.000 луѓе. Претходно, вакцината на „АстраЗенека“, СЗО ја окарактеризира како најперспективна.