Тешката битка за заштитна опрема ќе биде ништо во споредба со онаа за вакцината

Автор: Дејвид Пилинг

Фајненшел тајмс

Замислете ако за една година се произведат 300 милиони дози на безбедна и ефикасна вакцина против ковид-19 во Америка на Доналд Трамп, Кина на Си Џинпинг или Велика Британија на Борис Џонсон, тогаш кој ќе ги добие? Колкави се шансите приоритет да имаат една медицинска сестра во Индија или доктор во Бразил, а да не зборуваме за возач на автобус во Нигерија или дијабетичар во Танзанија? Одговорот е дека шансите се никакви.

Тешката борба на државите за ограничените резерви на тестови и лична заштитна опрема ќе биде ништо во споредба со битката за добивање вакцина. Ако вакцината е лекот како што некои сметаат, тогаш таа треба да биде достапна во светот подеднакво за богатите и за сиромашните. Секоја вакцина треба да се сподели за да се постигне максималниот ефект во јавното здравје. Тоа ќе значи дека приоритет треба да имаат докторите, медицинските сестри и сите работници во првите борбени линии, како и најизложените на болеста, без разлика каде живеат и дали можат да си ја дозволат.

Тоа значи дека првичните ограничени количини на вакцината треба да се испорачаат токму во критичните кластери за да се елиминира вирусот со тоа што ќе се опкружат со „прстен“ на имунизирани лица како што успешно се спроведе против епидемијата на ебола, лани, во Демократската Република Конго.

Но со ковид-19, сето ова изгледа како една илузија. Далеку од обединување на светот, пандемијата ја разоткри кризата во меѓународната неслога. Светската здравствена организација (СЗО) функционира онолку колку што дозволуваат нејзините членки. Таа се наоѓа притисната меѓу Кина и САД додека човештвото се соочува со најлошата пандемија во последните 100 години, што покажува дека се работи за нарушен меѓународен поредок.

Како и под кои услови можеме да замислиме политика на вакцинација што ќе биде на светско ниво, а воедно етичка и ефикасна? Заради ова постојат преседани. Принципот на пристап до лекови беше воведен за време на пандемијата на ХИВ/СИДА, во која лековите кои спасуваат живот првично беа далеку поскапи отколку што можеа да си дозволат пациенти во Африка во и други делови од светот во развој.

Но во 2001 година, според таканаречената декларација од Доха во врска со трговски поврзаните аспекти на права за интелектуална сопственост, СЗО јасно порача дека владите треба да направат приоритетни листи на пациенти. Во голема мера, како резултат на ова, беше разви ценовен систем според кој фармацевтските компании остваруваат профит во побогатите држави, дозволувајќи посиромашните лековите да се продаваат по пониски цени.

Исто така постојат и веќе докажани методи на финансирање на кампањи на имунизација кои буквално спасија милиони животи во Африка, Азија и Латинска Америка. Алијансата за вакцини и имунизација „Гави“ беше основана во 2000 година за да се справи со неуспесите на пазарот. Таа ја контролира продажбата на одреден број на дози на вакцини за компаниите што ги произведуваат постоечките или развиваат нови да знаат дека има пласман за нив.

Слично на тоа, 40 влади овој месец собраа осум милијарди долари за да се забрза развојот, производството и еднаквата дистрибуција на вакцина против ковид-19, како и дијагностиката и терапијата. Веќе постојат над 80 кандидати за вакцина против ковид-19, а започнаа и неколку процеси на тестирања врз луѓе.

Потоа следува производствениот процес. Недостигот на дијагностика и лична заштитна опрема ги разоткри недостатоците на навремените системи чија цел е да не се создава недостиг. Капацитетот на вакцината мора да биде создаден сега, дури ако тоа значи дека дел од него ќе биде неупотреблив, а ниту постоечкиот не треба лесно да биде предаден само за наводна вакцина против ковид-19. Тоа неминовно ќе предизвика епидемии на претходно контролираните болести како заушки или рубеола.

Производството исто така ќе треба да биде географски распоредено за да може вакцината да биде дистрибуирана до сите краеви на светот. Повеќето вакцини се меѓународни соработки. Една вакцина против ебола беше откриена во Канада, развиена во САД, а произведена во Германија. Мали се шансите и сигурно е непосакувано дека која било држава ќе сака за себе да ја присвои вакцината против ковид-19. Дури и да се развие успешна вакцина, нема сите да сакаат да ја примат.

Хајди Ларсон, директорката на проектот за доверба во вакцините, вели дека анкетите покажале дека дури до девет отсто од испитаните Британци, 18 отсто од Австријците и 20 отсто од Швајцарците не се согласуваат да бидат имунизирани. Довербата во вакцините генерално е повисока во светот во развој, каде што влијанието на заразните болести е поочигледно. Но исто и таму може да се јави отпор особено ако луѓето се сомневаат дека се користат како експериментални глувци.

Вакцината против измислената пандемија во филмот „Зараза“ од 2011 година беше доставувана преку лотарија со датумите на раѓање. Кога ќе се открие вакцината против вистинскиот ковид-19, мора да се достави како светско јавно добро.

Здравствените експерти проценуваат дека трошоците ќе бидат околу 20 милијарди долари за имунизација на сите луѓе во светот, што е еднакво на речиси два часа од светското производство. Ова е најдобрата зделка во светот и да се надеваме дека ќе биде прифатена.

Превод: Билјана Здравковска