Клиничкото испитување за тестирање на вакцина против коронавирус на човечки субјекти ќе почне следната недела, изјави американски официјален претставник.
Првиот учесник ќе ја добие експерименталната вакцина следниот понеделник, со цел да се откријат потенцијални несакани ефекти, но тој нема да бидат заразен со вирусот.

Испитувањето е финансирано од Националниот институт за здравство и ќе се одржи во Сиетл, изјави официјалниот претставник за „Асошиејтед Прес“. Тестирањето ќе почне со 45 здрави волонтери во Институтот за здравствени истражувања „Кајзер Перманенте“.

Но, дури и ако тестовите поминат добро, експертите велат дека може да потрае повеќе од една година за вакцината да се развие и во целост да се тестира.

Голем број на фармацевтски компании ширум светот во моментов работат на вакцина за коронавирусот кој досега зарази повеќе од 150.000 луѓе и усмрти речиси 6.000.

Тим на универзитетот во Квинсленд од Австралија објави минатиот месец дека развил потенцијална вакцина и започнал со тестирање врз животни.

Професорот Пол Јанг, раководител на универзитетската школа за хемија и молекуларна биологија, информирал дека тимот од 20 лица работел на забрзување на процесот, идентификувајќи и реплицирајќи го клучениот протеин во вирусот, што претставува основа на нивната вакцина кандидат во рок од само три недели.

„Иновио Фармасутикалс“ исто така, има цел да ги почне безбедносните тестови на својот кандидат за вакцина следниот месец, со учество на неколку десетици волонтери на универзитетот во Пенсилванија и центарот за тестирање во Канзас Сити, по што ќе почне со слично тестирање во Кина и во Јужна Кореја.