Александар Гинтсбург, директор на Институтот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ во Русија, рече дека не се планира руската вакцина против коронавирус да им биде достапна на другите земји во следната година.

Тоа нема да се случи сè додека не се вакцинира руското население, пренесува ТАСС.

– Колку што разбрав од разговорите со членовите на Рускиот фонд за директни инвестиции, кој се занимава со ова прашање, извозот на вакцината не е планиран во следните 12 месеци, сè додека не се вакцинира нашата популација – рече Гинтсбург.

Сепак, тој рече дека во тек се преговори за обезбедување технологија за три до пет земји кои сакаат да ја произведат вакцината.

На 11 август Русија стана првата земја што регистрираше вакцина против коронавирус наречена „Спутник 5“, која ја разви институтот „Гамалеја“.