Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да го поддржи предлогот за укинување на патентите за вакцини против ковид-19 би можела да биде пресвртница во борбата против пандемијата, но истовремено носи потешкотии кои ја доведуваат во прашање нејзината корист. Таа предизвика незадоволство во фармацевтската индустрија со што се јавува ризик оти големите компании ќе го загубат интересот за развој на нови терапии во следната криза, пишува „Ројтерс“.

Американската власт претходно се противеше на предлогот на Светската здравствена организација за принудување на фармацевтските компании да ги споделат патентите за вакцини за време на падемијата. Одлуката на Бајден уследи по значителното зголемување на бројот на смртни случаи во Индија и во Бразил кои заостануваат според пристапот до вакцините против ковид-19. А поддршката на американскиот претседател ги зголемува шансите за усвојување на предлогот, со што и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен истакна дека Европа ќе дискутира за ваквата можност.

Во теорија отстранувањето на патентите има смисол. Тоа би ја намалило цената за производство на вакцини за посиромашните држави и би го олеснило развојот на низа терапии. А се смета дека сузбивањето на ширењето на заразата би можело да го намали и ризикот од појава на нови мутации на вирусот, што би било од глобална корист.

Но, проблем за предлогот претставуваат политичките предизвици. Најголема пречка e недостигот на суровини и на капацитети за производство. А комплексните вакцини бараат и скапо складирање што ќе донесе потешкотии за неспецијализираните производители.

Одлуката на Бајден ги потресе големите фармацевтски компании, со што акциите на „Модерна“ и на „Новавакс“ завчера забележаа пад до 13 отсто. Фармацевтската индустрија е загрижена дека одлуката ќе претставува преседан што ќе ја отвори можноста за воведување на ваквата практика и за други лекови, како на пример инсулинот, иако тоа е малку веројатно. Сепак, најголема грижа претставува намалувањето на интересот на фармецевтските компании за развој на нови лекови во случај на наредна пандемија.