Вакцината против Ковид-19 изработена од шведско-британската фармацевтска групација „Астра зенка“ заедно со Универзитетот „Оксфорд“ е безбедна, соопшти групата за вакцини во „Оксфорд“ откако повеќе земји престанаа да ја користат.

– Постојат многу смирувачки докази дека нема зголемување на појавата на згрутчување на крвта овде во Велика Британија, каде што досега се користеле повеќето дози во Европа – изјави Ендру Полард, директор на групата за вакцини во „Оксфорд“.

Тој ја истакна важноста од продолжување на вакцинацијата против ковид-19, болест за која, како што рече, претставува голем ризик за здравјето.

Од компанијата „Астра зенека“ вчера изјавија дека внимателното испитување на сите достапни податоци за безбедност на повеќе од 17 милиони луѓе вакцинирани во Европската Унија и Велика Британија со нивната вакцина покажува дека нема докази за зголемен ризик од белодробна емболија, венска тромбоза или тромбоцитопенија на која било возраст или полова група ниту во серија со една доза ниту во одредена земја.

– Околу 17 милиони луѓе во Европската Унија и Велика Британија ја примија нашата вакцина, а бројот на случаи на згрутчување на крвта пријавени во оваа група е помал од стотиците случаи што може да ги очекуваме кај општата популација – истакнаа од „Астра зенека“.