Коронавирусот е десет пати посмртоносен од вирусот на свински грип (Х1Н1) кој се појави во Мексико во 2009 година, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебриесус, кој денеска им се обрати на медиумите со нови информации за коронавирусот.

– Сите ние постојано учиме и ја прилагодуваме нашата стратегија, заснована врз најновите докази кои ги имаме на располагање. Можеме да го кажеме само она што го знаеме, а можеме да постапуваме само врз основа на тоа што го знаеме. Доказите од неколку држави ни даваат појасна слика за тоа како се однесува овој вирус. Знаеме дека ковид-19 се шири брзо и знаеме дека тој е смртоносен – десет пати посмртоносен од пандемијата на грип во 2009 година. Знаеме дека вирусот може полесно да се шири во преполни средини како старечки домови – рече Гебриесус.

Тој рече дека во некои земји бројот на случаи двојно се зголемува на секои три до четири дена и дека кривата на коронавирусот се зголемува многу побрзо отколку што се спушта.

– Рестриктивните мерки мора да се укинуваат полека и на контролиран начин – рече директорот на СЗО.

– Во некои држави и заедници неколку недели има социјални и економски ограничувања. Некои земји размислуваат за тоа кога можат да ги укинат тие ограничувања, други размислуваат за тоа дали и кога да ги воведат. Во двата случаи овие одлуки мора да се засноваат пред сè на заштита на човековото здравје и да бидат водени од тоа што го знаеме за вирусот и како се однесува – рече шефот на СЗО.

Шест критериуми за ублажување на мерките

Шефот на СЗО, во однос на намерите на многу земји кои размислуваат за ублажување на мерките, истакна шест критериуми за тоа.

Прво, преносот на вирус да се контролира;

Второ, здравствениот систем да има капацитет за откривање, испитување, изолирање и лекување на секој случај и следење на секој контакт;

Трето, да се минимизира ризикот од појава на вирусот во посебни услови, како што се здравствените установи и домовите за стари лица;

Четврто, превентивните мерки да се на сила на работни места, училишта и други места каде што е најважно луѓето да одат;

Петто, да може да се управува со увезените ризици;

И шесто, заедниците целосно да се информирани и ангажирани да се прилагодат на „новата норма“.

СЗО во петокот предупреди дека предвременото укинување на рестриктивните мерки може да доведе до „фатално враќање“ на епидемијата доколку мерките за изолација нагло се укинат.

До денес, во светот се потврдени над 1.883.000 случаи на заболени од коронавирус, а 117.569 луѓе починале.

Шефот на СЗО рече дека ќе биде потребна „безбедна и ефикасна вакцина“ за целосно исчезнување на коронавирусот.

– Ерата на глобализација значи дека ризикот од повторна појава на ковид-19 ќе продолжи. На крајот, ќе биде потребно откривање и дистрибуција на безбедна и ефикасна вакцина за целосен прекин на трансмисијата – рече шефот на СЗО.