Директорот на германскиот епидемиолошки институт „Роберт Кох“, Лотар Вилер вели дека не ја исклучува можноста пандемијата на коронавирус да трае и до две години.

– Пандемијата може да трае две години, а во екстремен случај, исто толку долго би можеле да важат и мерките за граѓаните – рече директорот на конференција за медиуми.

Сепак, тој додаде дека ситуацијата мора да се преиспита за да се донесат релевантни заклучоци.

Институтот „Роберт Кох“, на кој се потпира германската федерална влада кога ги носи мерките за заштита, денеска процени дека нивото за опасност по граѓаните е „високо“, што е само едно ниво под најалармантното ниво на опасност. Досега, степенот на ризик по луѓето беше оценуван како „умерен“.

Вилер објасни дека нивото на опасност е подигнато поради наглото зголемување на бројот на заразени.

– Забележуваме дека добро снабдени клиники, во меѓувреме, имаат проблеми со сместување на пациенти – рече тој.

Тој објасни дека во моментов има околу 6.000 регистрирани случаи на инфекција во Германија, при што бројот на жртви се искачи на 13. Но, во исто време, додаде и дека реалниот број со непотврдени случаи е „сигурно многу поголем“.

„Во моментов, Европа со 86.000 заразени е центарот на пандемијата“, кажа Вилер, додавајќи дека институтот „Роберт Кох“ очекува германските болници да ги удвојат нивните капацитети за интензивна нега.