Во последните 24 часа во Германија е забележан најголемиот пораст на новозаразени од коронавирус во последниот месец.

– Во последните 24 часа се пријавени 770 нови случаи на инфекција. Последниот пат кога беше забележан толку голем број беше на 20 мај  – соопшти денеска државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“.

Најголем дел од новозаразените доаѓаат од три нови жаришта во сојузните покраини Северна Рајна – Вестфалија, Долна Саксонија и Хесен.

Во округот Гитерслох во западна Германија, припадници на Бундесверот помагаат при тестирање за коронавирус во фабрика за преработка на месо, во која од средата се пријавени неколку стотици нови случаи.

Во наредните неколку дена, властите имаат намера да спроведат тестови во најголемите германски погони за колење и преработка на свинско месо. Се претпоставува дека инфекцијата избувнала поради непочитување на правилата за растојание и позиционирање на работниците во кланицата, кои главно потекнуваат од источните земји на Европската унија.

Во меѓувреме беше објавено дека погоните се затворени на неопределено време, исто како и локалните училишта.

Второто жариште е во градот Гетинген во Долна Саксонија, каде над 700 жители на една станбена зграда на излезот од центарот на градот се ставени во карантин.

Голем број имигранти живеат во зградата каде што избувнала заразата, а новиот бран, како што првично објавија медиумите, избувнал по прославата на Бајрам од страна на жителите на блокот.

Третото жариште се однесува на градот Касел на северот на сојузната покраина Хесен, а станува збор за сместување за бегалци, каде биле откриени 20 случаи на инфекција и 60 лица се ставени во карантин.