Откако неколку земји привремено ја прекинаа вакцинацијата со вакцината на „Астра зенека“ и Универзитетот Оксфорд се огласи и британскиот министер за здравство, Мет Хенкок. Тој за „Би-би-си“ изјави дека британската вакцина е апсолутно безбедна.

Хенкок апелираше луѓето да ги слушаат надлежните регулаторни тела и да се вакцинираат веднаш штом се појави можност.

– Знаеме дека вакцината „Оксфорд-Астра зенека“ спасува животи во Велика Британија. Значи, ако добиете повик, одговорете и дојдете на вакцинација – рече Хенкок.

Тој потсети на соопштението на британското регулаторно тело за лекови во кое се наведува дека не е докажана врската помеѓу вакцината и згрутчувањето на крвта.

Од „Астра зенека“ претходно соопштија дека во земјите низ ЕУ и во Велика Британија вакцината досега ја примиле околу 17 милиоони луѓе, а од таа бројка само 40 пријавиле проблем со згрутчување на крвта.

Британскиот министер за здравство, со цел да ги убеди луѓето да се вакцинираат, потсети дека СЗО, британското регулаторно тело, како и Европската агенција за лекови, соопштија дека стојат зад таа вакцина, за која сметаат дека е безбедна.