Во Италија е забележан голем скок на новозаболени лица за еден ден, од 370.000 тестирани, 25.000 биле заразени, а 373 пациенти починале, пренесува агенцијата „Анса“.

Процентот на заразени лица исто така се зголемува во однос на вкупниот број на тестирани лица, од еден ден до следниот бројот на заразени се зголеми за еден процент и сега 6,9 проценти од тестираните се позитивни на вирусот.

Други епидемиолошки податоци исто така потврдуваат дека инфекцијата со Ковид-19 се зголемува веќе четврта недела, токму како што предупредуваа научниците.

Во единиците за интензивна нега има 2.859 пациенти, а во 11 од 20 италијански региони единиците за интензивна нега се пополнети повеќе од границата што се смета за алармантна.

Бројот на вкупно хоспитализирани лица исто така се зголемува, кои ги има повеќе од 23.000, а речиси половина милион луѓе заразени со коронавирус се во домашна изолација.

Болницата во градот Павија објави дека сè повеќе млади и деца се меѓу новозаразените, а во Трст локалниот весник „Пиколо“ известува за ширење на заразата кај децата во градинките и основните училишта.