Кина одобри продажба на три традиционални кинески лекови за помош во лекувањето на ковид-19, објави вчера Националната агенција за лекови.
Одобрените билни производи доаѓаат во форма на гранули и потекнуваат од древни кинески рецепти, се вели во соопштението на агенцијата, кои додаваат дека подготовките биле надгледувани од многу академици и експерти.
Станува збор за три вида капсули – гранули за чистење и детоксикација на белите дробови, гранули за одвлажнување и детоксикација на белите дробови и гранули за дифузија и детоксикација на белите дробови.
Според кинеското Министерство за наука, десетици илјади пациенти заразени од ковид-19 ги примиле овие лекови од растително потекло во Кина минатата година заедно со водечките антивирусни лекови, пренесуваат светските агенции.
– За време на клиничките испитувања кај 102 пациенти во Вухан со лесни симптоми на коронавирус е откриено дека лицата што примиле комбиниран третман на лекови покажале 33 % побрзо закрепнување во споредба со пациентите што примиле само западни лекови – истакнуваат од Националната управа за традиционална кинеска медицина.
Кинеските власти ја пофалија ефикасноста на традиционалните лекови како помош во ублажување на симптомите на ковид-19. Во јануари годинава полициските службеници добија до 60.000 дози од традиционалните лекови за да се заштитат од инфекција со коронавирус.