Германија може да се соочи со недостиг на овошје и зеленчук поради отсуството на сезонски работници, а Министерството за земјоделство објави дека работи на тоа за работниците од Источна Европа, сепак, да се дозволи да дојдат во земјата.
– Не можеме без сезонските работници. Разговарав со министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер, за да најдам решение за овој проблем – рече министерката за земјоделство, Јулија Клокнер, во интервју за јавниот сервис АРД.
Министерот за внатрешни работи, Зехофер, минатата недела, како дел од мерките за спречување ширење на коронавирусот, забрани влез во земјата за сезонски работници од Источна Европа, пред сè од Романија, Бугарија и Полска.
Клокнер објасни дека разговарала со Зехофер за да ги усогласат целите за заштита на населението од инфекција од една страна и обезбедување на бербата од друга.
– Треба да дадеме до знаење дека синџирот на снабдување со храна, кој несомнено ги вклучува земјоделците и работниците, е релевантен за одржување на системот – рече Клокнер.
Според правилото што се применува во моментот, лицата кои работат во активности што се релевантни за функционирањето на системот се ослободени од ограничувања во движењето.
Забраната за влез на сезонски работници кои со години помагаат во бербата во Германија, според германскиот Сојуз на земјоделци (ДБВ), може да влијае и на снабдувањето со свежо овошје и зеленчук во германските продавници.
– Снабдувањето со овошје и зеленчук во германските продавници ќе се намали, што ќе доведе до и поскапување на цените – вели претседателот на ДБВ, Јоаким Руквид.