Пет директорски и две министерски места се извесни дека ќе припаднат на кадри од Алијанса за Албанците, откако на тоа се согласиле претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, како услов за влез на партијата во Владата, вест која би требало да се објави денеска, или најдоцна утре.
Неофицијални извори за „Макфакс“ брифираат дека партијата со која раководи Арбен Таравари, според досегашните преговори, е на чекор да земе директорско место во МЕПСО, каде моментално раководи кадар на Алтернатива. Потоа, второто место е директор на Фондот за пензиско и здравствено осигурување (ПИОМ), кое моментално исто така го раководи кадар на Алтернатива. Партијата на Таравари веќе извесно е дека ќе земе и заменик-директорско место во Управата за јавни приходи. Од директорски места, СДСМ ќе им го отстапи и она кое го имаат во „Македонијапат“. Петтото кое го бараат, а неофицијално и ќе биде отстапено е и директорското место во ЈП Железници каде моментално раководи Хари Локвенец.
На преговарачката маса каде се дискутира за влезот на Алијанса за Албанците во Владата се разговарало и за место во Државното правобранителство, но непознат е исходот. Извесно е дека кадри на партијата со која раководи Таравари ќе ги земат министерските места во правда и здравство. Во игра е и на Алијанса да и припадне вицепремиерско место, како и заменичко место во Министерството за труд и социјална политика.
До крајот на неделава се очекува договорот односно понудата да се разгледува на централно претседателство на Алијанса за Албанците и во СДСМ, па Таравари и Ковачевски да потпишат конечен договор за проширување на владејачкото мнозинство.
Таравари вчера за „Макфакс“ посочи дека најдоцна до денеска ќе се дефирнираат сите отворени прашања и ќе се донесе одлука.