Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВРЕМЕ Е ЗА МАКЕДОНСКА СТРАТЕГИЈА ЗА УКРАИНА

Додека светот зборува за мирот во Украина, Македонија мора да почне да размислува за денот потоа. Историјата покажува дека најголемите економски можности не им припаѓаат на најголемите држави, туку на оние што први ќе се организираат и ќе понудат конкретни решенија.

На Македонија ѝ е потребен македонски конзорциум за украинскиот пазар!

Повоената обнова на Украина ќе отвори огромна побарувачка за градежни компании, инфраструктурни проекти, енергетски капацитети, дигитални решенија, логистички услуги, земјоделска механизација, прехранбени производи и стручни кадри. Токму во овие области Македонија има компании и знаење што можат да бидат конкурентни на европскиот пазар.
1. Нашите градежни фирми можат да учествуваат во изградба на станбени и деловни објекти, патишта и комунална инфраструктура.
2. Земјоделството и прехранбената индустрија можат да воспостават нови партнерства и извозни канали.
3. Транспортните и логистичките компании можат да бидат дел од новите европски коридори што ќе се создаваат.
4. Енергетските компании можат да понудат експертиза во обновливи извори на енергија и електроенергетски системи.
5. Македонскиот ИТ-сектор може да стане дел од дигиталната реконструкција на украинските институции и компании.
Но сето тоа нема да се случи само од себе. Затоа е неопходно веднаш да се формира „национален центар за Украина“ како заедничка платформа, на пример, на Владата, стопанските комори, бизнис-заедницата, универзитетите и македонската деловна дијаспора. Центарот треба да биде мозок и координатор на сите активности поврзани со идниот настап на македонските компании на украинскиот пазар. Наместо да реагираме кога ќе почне обновата, треба да бидеме подготвени уште пред да започне. Р.Н.М.


Некои размислувања за акциски план во 10 точки

  • Формирање национален центар за Украина со учество на државата и бизнис-заедницата.
  • Создавање македонски „конзорциум за Украина“ составен од компании од повеќе сектори.
  • Изработка на регистар на домашни компании и експерти заинтересирани за украинскиот пазар.
  • Воспоставување директни контакти со украински институции, стопански комори и локални власти.
  • Организирање економски форуми и бизнис-мисии посветени на Украина.
  • Подготовка на конкретни проектни понуди уште пред распишувањето на меѓународните тендери.
  • Поврзување со компании од регионот за заеднички настап на големи инфраструктурни проекти.
  • Обезбедување финансиски и дипломатски механизми за поддршка на македонските компании.
  • Вклучување на универзитетите и експертската јавност во подготовка на кадри и стручни анализи.
  • Изработка на национална стратегија за економска соработка со Украина во периодот 2026–2035 година.
    Колегиумот на „Нова Македонија“, дебатирајќи на оваа тема, констатира дека ова не е само новинарски предизвик. Натаму, дека ова не е само деловна можност. Туку, во целиот галиматијас на притисоци кон Македонија, ова е можност Македонија да покаже визија, организираност и економска зрелост. Кога ќе започне обновата на Украина, прашањето нема да биде кој има желба да учествува, туку кој бил подготвен навреме. Затоа времето за дејствување е сега. Оној што ќе се организира денес, ќе биде дел од можностите на утрешниот ден. Р.Н.М.