Македонскиот народ е горд на своето славно минато

Притисоци, дилеми, дебати, дискусии, па и вицови за потеклото, постоењето (или непостоењето) на Македонците и Македонија, имало со децении и векови, но се плетат и одвиваат со несмалена жестина и во денешни дни.
За природата, карактерот и етногенезата на Mакедонците не може ништо конкретно да се каже, сето тоа е само одреден начин на гледање на работите – се обидува да ја сврти дискусијата во стилот на христијанскиот средновековен мислител, атинскиот митрополит Псевдо Дионизиј, извесен европски политичар, експерт за геополитички илузии.
Вие сте „вашата земја“ затоа што ЕУ има изграден став за тоа… и тоа е тоа, и точка, запирка, извичник, чуденка, ни порачуваат од канцеларијата на Доналд Туск, претседател на Европскиот совет. Нешто за што одамна требало да бидеме свесни, константа и вистина, факт непобитен и цврст, дефинирана позиција на Европската Унија – нешто непроменливо, како Земјината тежа, како ѕвездите и месечината. Секако, ако универзумот го мислиме и третираме како дел од мозокот. Па, во крајна линија, мозокот е систем од – што знам – од визуелно, тактилно, перцепции… способен за наративи, за раскажување приказни со метафори. Но политичарите се како филозофите. Нивното размислување и однесување подразбираат и претпоставуваат конзистентен начин на мислење.
Истата стара приказна, „не постојат Македонци во Македонија, тоа место секогаш историски било населено со некои други“. „Словенскиот карактер на современата македонска нација и јазик од некои внатрешни и надворешни кругови упорно се нуди како претпоставена рамка и главна основа за конечна пресметка и заедничко прифатливо решение меѓу Грција“ и Република Македонија – „фантомската, коминтерновска“ творба.

Сето тоа во некоја рака почнува да заличува на многубројните средновековни теолошки расправи за постоењето на господ. Е па, како тоа, господа Европејци, Бугари и Грци, да нема Македонци, а за нив да се дебатира 200 години! Да бидат актуелни толку време, и на маса, и кај големите сили, и на најважните светски настани, на меѓународни конгреси и на мировни и други конференции, на состаноци меѓу водечките светски политичари, и во нивните изјави, и во медиумите, и во Лигата на народите… а да не постојат! Факт е дека од сите балкански земји, Македонија имала и има трнлив и тежок пат до национална идентификација. Но ако толку често и на такви нивоа се зборувало за Македонците, тие никако не може да не постојат или да бидат виртуелна спиритуална измислица. Такво нешто е теоретски невозможно. Морало да ги има. Коминтерната и Тито се многу подоцна. А тие не можеле да „измислат“ нешто што макар еден век пред нив веќе било меѓународно познато и третирано. Освен ако тие не нè „измислиле“ – ретроактивно?! Затоа, вашите (европски) бугарски и грчки тврдења се тешка и срамна измама и манипулација, во духот на прочуениот хегелијански алгоритам – негација на негацијата каде што постоењето на Македонците одново се негира, и тоа на куб. Постојат голем број докази за постоењето на господ, тврдат одредени теолошки доктрини, но сето тоа предизвикува одредено сомнение кај мудрите филозофи. Бидејќи ако за една работа постои еден доказ, сите други не ни се нужни, а ако има повеќе докази, тогаш сигурно не се несоборливи, постулираат категорично.

Во духот на модерниот рационализам и доктрината на железните правила на Дејвид Хјум, ние достоинствено и смирено се залагаме само за онаа вистина што ја допираме, газиме, гледаме и чувствуваме, љубиме и живееме.
Нашето вистинско (македонско) име и идентитет биле, остануваат и се исти, непроменети. Секогаш во текот на историјата, како и денес, скромно, срамежливо, но достоинствено испливуваат од под малтерот и од под густите идентитетски наслаги, премачкувања, прекрстувања, илузии, притисоци, промени на личниот опис во кафезот на геополитичките и историските неправди… Македонскиот народ е горд на своето славно минато, чувствува огромна љубов за својата родна земја, која го инспирира и поттикнува во континуитетот на борбата за заслуженото место под сонцето на светските народи.
Нашиот интерес кон антиката ниту го релативизира ниту негира доминантно христијанскиот бит на нашето милениумско и современо постоење. Господ и религијата немаат врска едно со друго, бидејќи господ, како и Македонците на овие простори, постојат долго пред религијата и смешните атласи, дебати и малициозни коментари и ќе постојат засекогаш.
Што се однесува до нашиот интерес за историските вистини и идентитетски вредности, односно испитувањето на корените и традициите што нѐ обликуваат, како одговор на европските и соседските дилеми наместо Шопенхауеровиот „Свет како волја и претстава“ – и церебрален феномен – каде што нештата не постојат поинаку освен во нашите (и нивни)/ глави, го претпочитаме Беркли, кој го замислува бог како свесен за сите нешта и за сето време – така некако. Дали нѐ има или нѐ нема? „Ако излеземе од овој простор, од оваа соба, дали таа исчезнува? Се разбира дека не, бидејќи господ и понатаму нѐ мисли. Има ли поголемо самопонижување од фалсификување на сопственото сеќавање? Личниот и колективниот идентитет во едно општество се една од кардиналните нишки во процесот на цивилизацијата. Македонија вечна.

Аљоша Симјановски