Фото: ЕПА

По синоќешниот напад на Иран со беспилотни летала врз Израел, утрово пристигнуваат реакции со осуда за воените дејства и повици за воздржаност од двете страни од Вашингтон, Брисел, Пекинг, Рим, Москва…. Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изјави дека биле истрелани повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, но 99 отсто од нив биле пресретнати.

НАТО го осуди нападот на Иран врз Израел во текот на ноќта како „ескалација“ на регионалните немири и повика на воздржаност од сите страни.

-Ја осудуваме ескалацијата на Иран, повикуваме на воздржаност и внимателно го следиме развојот на настаните. Од витално значење е конфликтот на Блискиот Исток да не излезе од контрола – рече портпаролот Фарах Даклала.

Американскиот претседател Џо Бајден изрази солидарност со Израел и се сретна со неговиот тим за национална безбедност за да разговара за ситуацијата, пренесоа светските агенции.

„Нашата посветеност на безбедноста на Израел наспроти заканите од Иран и неговите полномошници (во регионот) е непоколеблива“, напиша Бајден на социјалната мрежа Х, објавувајќи фотографија од итен состанок во Белата куќа со неговите советници за безбедност.

Осуда за нападот стаса и од Европската унија.

– Европската унија најостро го осудува неприфатливиот ирански напад врз Израел. Ова е невидена ескалација и сериозна закана за регионалната безбедност – изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

И претседателката на Европската комисија Урсула, фон дер Лајен, исто така го осуди воздушниот напад на Иран врз Израел и го повика официјален Техеран веднаш да ги прекине воздушните напади.

-Силно го осудувам бесрамниот и неоправдан напад на Иран врз Израел и го повикувам официјален Техеран и неговите претставници веднаш да ги прекинат овие напади – порача Фон дер Лајен.

Кинеското Министерство за надворешни работи повика на смиреност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите.

-Кина ја изразува својата силна загриженост поради влошувањето на актуелната ситуација и ги повикува сите засегнати страни да покажат воздржаност и смиреност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите – соопшти Министерството за надворешни работи во Пекинг.

Германија повика на итен прекин на нападот, а министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, во објава на Х напиша: Најостро го осудуваме тековниот напад кој може да го фрли целиот регион во хаос.

Британскиот премиер Риши Сунак го осуди „непромислениот“ напад на Иран врз Израел, за кој рече дека ја покажува неговата „намера да направи хаос во својот двор“.

-Овие удари се закануваат да ги разгорат тензиите и да го дестабилизираат регионот. Иран уште еднаш покажа дека има намера да направи хаос во својот двор. Велика Британија ќе продолжи да се залага за безбедноста на Израел и безбедноста на сите наши регионални партнери, вклучително и Јордан и Ирак- вели Сунак.

Италија со внимание и загриженост ја следи ситуацијата по испраќањето ирански беспилотни летала против Израел, објави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на мрежата Х и додаде дека италијанската влада е подготвена да се справи со секое сценарио.

Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне нападот го нарече чин без преседан.

– Одлучувајќи се за ваков чин без преседан, Иран преминува нов праг во своите дестабилизирачки дејства и создава ризик од воена ескалација – предупреди францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне.

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека „повикува на максимална воздржаност“ и дека е „во директен контакт со сите страни во конфликтот за да се обидат да ја задржат ситуацијата“, истовремено предупредувајќи на „ризикот од регионално проширување на конфликтот“.

Руското Министерство за надворешни работи денеска изрази загриженост поради ночешниот напад на Иран врз Израел и повика на воздржаност на Блискиот Исток.

„Ноќта на 14 април врз Израел беа лансирани голем број ракети и беспилотни летала. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека овој напад е извршен во рамките на правото на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН во одговор на нападите врз ирански цели во регионот, вклучувајќи го и нападот врз зградата на конзуларното одделение на иранската Амбасада во Дамаск на 1 април, што Русија остро го осуди, но, за жал, поради односот на западните членки, Советот за безбедност на ОН не можеше адекватно да одговори на нападот врз иранското конзуларно претставништво“, се наведува во соопштението на руското МНР.

На воздржаност повика и саудиското Министерство за надворешни работи. Реакции стасаа и од Аргентина, Мексико, Чиле…


Таткото на девојчето повредено во иранскиот напад врз Израел: Дел од ракета падна врз нашата куќа, веднаш ја однесовме во болница

Мохамад, татко на седумгодишното девојче кое во текот на изминатата ноќ беше тешко рането кога Израел пресретна ирански проектил, денеска изјави дека врз нивната куќа паднале шрапнели од соборен проектил.

Семејството живеело во бедунинска куќа во градпот Арад.

-Падна врз нашата куќа околу два часот по полноќ. Таа спиеше во куќата и веднаш ја однесовме во болницата „Сорока“ во Бершеба – изјави таткото на повреденото девојче.

Според последните информации таа е тешко повредена.

Иран синоќа лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел, а Техеран објави дека нападот е извршен како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск во кој беа убиени високи офицери на Иранската револуционерна гарда.