Рускиот претседател Владимир Путин во синоќешното телевизиско обраќање рече дека намерно дозволил саботниот 24-часовен бунт на групата на „Вагнер“ да потрае, за да се избегне крвопролевање и дека тоа го зајакнало националното единство.

Со таа изјава, прва по саботата, кога се закани дека ќе го задуши бунтот, Путин откри дека има намера да повлече линија на настаните кои многу западни лидери ги сметаа за разоткривање на ранливоста на рускиот претседател – пренесува „Ројтерс“.

– Од самиот почеток на настанот беа преземени чекори по мои директни инструкции за да се избегне сериозно крвопролевање – рече Путин.

– Потребно беше време, меѓу другото, на оние кои згрешија да им се даде можност да се вразумат, да сфатат дека нивните постапки беа цврсто отфрлени од општеството, а авантурата во која се најдоа беше трагична и деструктивна за Русија – додаде Путин.

Путин во телевизиското обраќање не го спомнал Пригожин, кој побара министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов да појдат во Ростов на разговори со него.

Тој не ги спомнал ниту планираните кадровски промени во Министерството за одбрана, иако бил прикажан на телевизија, околу 23 часот по московско време како се обраќа на состанокот на шефовите на неговите безбедносни оддели, вклучувајќи го и Шојгу.