Фото: Фејсбук профил на Али Ахмети

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) најостро го осудува неодамнешното отворање на Музејот на жртвите од УЧК во Сопот, накитен со споменик што ја симболизира „Голема Албанија“.

Од ОМД истакнуваат дека овој споменик, финансиран со јавни средства од повеќе од 300.000 евра, не е само дрзок приказ на иридентистичко однесување кон Македонија, туку претставува и значајна закана за регионалната стабилност на Балканот.

-Музејот на жртвите, заедно со споменикот што ја симболизира Голема Албанија, служи како болен потсетник за историските неправди и територијалните претензии кои предизвикаа огромно страдање и поделба во регионот. Нужно е македонската Влада да заземе цврст став против ваквите провокативни дејствија, кои служат само за влошување на тензиите и попречување на напредокот кон траен мир и стабилност. ОМД ја препознава важноста од зачувување на историската меморија и промовирање на дијалогот меѓу народите. Сепак, изградбата на споменик што ја велича територијалната експанзионистичка идеологија не е погодна за поттикнување разбирање и помирување. Наместо тоа, таа овековечува опасен наратив кој ја загрозува деликатната рамнотежа на Балканот – стои во соопштението.

ОМД ја повикува македонската Влада да преземе итни мерки за отстранување на овој споменик. Исто така ги повикуваат странските амбасади и Европската Унија веднаш најостро да го осудат овој чин.

– ОМД е подготвена да ја поддржи Владата во нејзините напори да ја поправи оваа ситуација. Ја повикуваме меѓународната заедница, особено соседните земји на Балканот, да ни се придружат во осудата на овој споменик и да се залагаат за негово итно отстранување – побараат од Македонската дијаспора.