Фото: Принтскрин

Најмалку 17 лица загинаа во судирите меѓу перуанските безбедносни сили и демонстрантите кои бараат оставка од претседателката Дина Болуарте, соопшти народниот правобранител (локален омбудсман). Инциднетот се случил при обид на демонстрантите да упаднат во аеродром во југоисточниот дел на земјата.

„Потврдивме 17 смртни случаи денеска во Пуно за време на судирите со безбедносните сили во близина на аеродромот Хулиака, во област каде живее етносот Ајмара (американски индијански народ) во областа Пуно“, изјави извор од канцеларијата на омбудсманот кој сакаше да остане анонимен.

Демонстрантите бараат оставка од Дина Болварте која ја презеде функцијата лидер на земјата по соборувањето на социјалистот Педро Кастиљо на почетокот на декември, како и нов парламент и итно одржување на изборите, чиј датум на одржување веќе е поместен од 2026 – за април идната година.

Регионот Пуно што граничи со Боливија, е центарот на протестите во земјата каде демонстрации има од 4 јануари. Протестите почнаа откако Кастиљо беше отстранет од парламентот и уапсен на 7 декември, кога се обиде да го распушти законодавниот дом што пратениците го опишаа како „државен удар“.