Фото: Кевин Мекарти/инстаграм

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Кевин Мекарти, ги предупреди членовите на неговата партија дека би можеле да платат политичка цена ако дозволат затворање на владата да се случи на почетокот на следниот месец поради несогласувањата околу јавната потрошувачка.

– Никој не победува ако владата е блокирана – им рече тој на новинарите по партискиот состанок зад затворени врати, пренесува „Хина“.

Мекарти рече дека Претставничкиот дом ќе заседава по викендот додека не се постигне договор за финансирање на федералната влада за следната година, што треба да се направи до 30 септември, кога завршува фискалната година.

Доколку Претставничкиот дом, контролиран од републиканците и Сенатот, контролиран од демократите, не усвојат долгорочен или краткорочен предлог-закон за финансирање на федералната влада до 30 септември, кој потоа го потпишува претседателот Џо Бајден, на 1 октомври ќе следи исклучување на сите владини агенции.

Тоа би била четврта блокада на американската сојузна влада во последните десет години.

Републиканската десница вели дека нема да ги поддржи мерките за јавна потрошувачка доколку Мекарти не се согласи да ја ограничи јавната потрошувачка во фискалната 2024 година на нивото од 2022 година, односно на 1.470 милијарди долари, што е 120 милијарди долари помалку од договореното со Бајден во мај.

Умерените републиканци се противат, а Дон Бејкон рече дека „ќе стори сè за да избегне затворање на федералната влада“.

Поради политичките пресметки кои носат голем ризик, рејтинг агенцијата Фич во август го намали американскиот долг од совршеното ниво на ААА на АА+.

„Според мислењето на „Фич“, стандардите за управување постојано се влошуваат во изминатите 20 години, вклучително и прашањата за буџетот и долгот, без оглед на двопартискиот договор во јуни за суспендирање на лимитот за задолжување до јануари 2025 година“, соопшти тогаш агенцијата.

На крајот на јуни, влијателниот независен институт CBO, во кој работат поранешни функционери на американската централна банка, Министерството за финансии и Конгресот, ја зголеми проценката на овогодишниот јавен долг на САД, изразен како удел во бруто домашниот производ (БДП), за два процентни поени, на 98 отсто.

До 2029 година би требало малку да го надмине БДП и да изнесува 107 отсто, пресметаа тие.

Во текот на изминатите три децении, тој во просек изнесуваше околу половина од БДП, покажуваат пресметките на CBO.