Тринаесетмесечно од Свети Николе заразено со морбили. Случајот и лабораториски е потврден во ИЈЗ, а го потврдија и од Комисијата за заразни болести. Детето минатата недела било хоспитализирано во Клиничката болница Штип и е во добра состојба. Детето не било вакцинирано, а ниту тоа, ниту семејството не патувале надвор од државата.
Мали сипаници или морбили е заразна болест предизвикана од вирус од групата миксовируси. Болеста може да се јави кај оние што не прележале морбили, или не се соодветно вакцинирани против сипаниците.
Лекарите објаснуваат дека кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.
Морбилите се една од најзаразните болести во светот. Дури 9 од 10 блиски контакти на заразениот, кои не се имуни може да се заразат.
Се шири со кашлање и со кивање, близок или директен контакт со секрет од носот или грлото, 4 дена пред и по исипувањето.
Вирусот останува активен и заразен во воздухот или на заразените површини до два часа.
Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет.
Кај 20 отсто од случаите, според епидемиолозите, настанува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите во одредени случаи може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.
Епидемиолозите ги сметаат за опасни поради тоа што имаме случаи кога се избегнува вакцинацијата против мали сипаници, или МРП-вакцината (за морбили, рубеола, паротитис).
– Малите сипаници се шират многу брзо. Ако, на пример, се вакцинирани 90 од 100, вирусот ќе запре да се шири кај некој вакциниран. Ако имаме 30 невакцинирани, пак, ќе се шири – вели епидемиолог.
За да има колективен имунитет, кога вирусот нема лесно да се шири, лекарите велат дека треба да се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина.
Вакцината против морбили, според податоците на Институтот за јавно здравје, почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна кај децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13-месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.
– Се смета дека две дози вакцина против мали сипаници овозможуваат висок заштитен ефект кај вакцинираните лица и затоа и Светската здравствена организација препорачува најмалку две дози вакцина за заштита од заболувањето – објаснуваат епидемиолозите.
Непотполно вакцинираните што имаат примено само една доза вакцина се непотполно заштитени и можат да заболат од мали сипаници кога ќе дојдат во контакт со вирусот, односно со заболено лице.
Последен пат во земјава епидемија на морбили беше прогласена во декември 2018, а од наредната 2019-та немавме регистрирано случај. Н.Б.З.