Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Од денеска повторно се воспоставува патничкиот железнички сообраќај на пругата Скопје – Велес, откако заврши привремениот прекин предизвикан од градежните работи за проектот „Градски воз“, соопшти ЈП Железници Инфраструктура.

Железничкиот сообраќај беше во прекин од 22 јуни поради ремонтни активности на делницата меѓу железничките станици Скопје и Зелениково, кои се дел од првата фаза од проектот за поврзување на Зелениково преку Драчево, Лисиче и Аеродром со Транспортниот центар во Скопје.

Според најавата, повторно ќе сообраќаат патничките возови на релациите Скопје – Гевгелија, Гевгелија – Скопје, Скопје – Велес и Велес – Скопје, согласно редовниот возен ред.

Од друга страна, патничките возови на релацијата Скопје – Битола – Скопје, како и линијата Битола – Велес – Битола, засега остануваат во прекин и нема да сообраќаат, информираат од ЈП Железници Инфраструктура.